Околу скопско Кале и денес се судираат различни светови

Стартот на истражувањата покажа дека и денес археологијата е мошне податливо поле за политички игри и интереси
КАТЕРИНА БОГОЕВА
На скопско Кале деновиве, во првата недела од археолошките истражувања се работеше и покрај променливото време. Почнаа да се појавуваат првите материјали, очекуваните делови керамика, а реакциите предизвикани од протестот на граѓанското движење „Разбуди се! преку кој дел од албанските историчари побараа на истражувањата да присуствуваат експерти од Косово и Албанија не стивнуваа. Стартот на истражувањата покажа дека и денес, археологијата е мошне податливо поле за политички игри и интереси.
Запрашана дали со меѓународен проект за Калето, можеа да се надминат политичките стапици, професорката Наде Проева од Универзитетот “Св Кирил и Методиј“ одговори „Не само што можеше, туку требаше да се направи меѓународен проект зошто можеше да се претпостави дека и оваа работа, како и се друго кај нас, ќе се исполитизира. А дека станува збор за политизација на едно научно прашање покажува некомпетентноста на тие што протестираа кои тврдеа дека артефактите ќе биле фалсификувани! Имено секој студент, а камоли дипломиран археолог/историчар знае дека артефакти не може да се фалсификуваат! Може да се прават други малверзации: на пр. да се премолчат ако не се во прилог на тезата што научникот сака да ја докаже (но во тој случај не станува збор за научник туку за партиски војник), но не и да се фалсификуваат!“ - вели Проева која укажува на историските податоци за тоа чиј град бил Скупи, и дали на Кале се наоѓал центарот на некогашна Дарданија, како што тврдат дел од албанските историчари.
„Со инфилтрирање на Дарданците од Косово и Метохија скопско кумановската област станува дарданска од крајот на IV век ст. е. - пред тоа во неа живеело племето Трибали, што покажува дека не била јадро на Дарданија. Во изворите се споменуваат четири градови, но не се знае кој бил главен град на провинцијата Дарданија формирана дури во III/IV век н.е. Градот Скупи пак, е формиран од Римјаните во 70-тите години на I век н. е. со населување на ислужени римски војници тнр. ветерани, та според тоа не е ниту дардански ниту античко македонски. За жал, ваквите надмудрувања покажуваат дека многумина кај нас сеуште живеат во некои други светови непримерени за денешно време“ - вели таа.
Некој сака да произведе проблеми
со сила
Професорот Никос Чаусидис од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј “го смета за оправдано своето сомневање дека протестите на движењето „Разбуди се“ не се резултат на искрената граѓанска свест на неговите членови и вели: „Најдобар доказ за тоа е фактот што во текот на своето досегашно постоење тоа не ги забележало вистинските горливи проблеми на нашето културно наследство кои судејќи според профилот на нивните членови навистина би требало да ги засегаат. Тука мислам на светски познатите древни исламски споменици во јадрото на Скопје кои денес буквално веќе не се гледат од солитерите, диво или полу-диво изградени околу нив. Куршумли-ан, потонат меѓу грдите трговски објекти зад Бит - пазар. Саат-кула, Султан Муратова и Јаја-пашина џамија, на кои денес - на само чекор од нив, во висина им парираат грди висококатници. Зошто со истиот „ентузијазам“ не се тревожат за двете мумии (можеби и навистина Дардански?), кои цела година скапуваат покрај новиот млин во Липково и др. Има еден начин да се оспори мојот сомнеж - од утре нека ја насочат својата загриженост кон овие вистински проблеми на нашето (а тоа значи и нивно) културното наследство“ - вели Чаусидис, кој посочува и дека денешните барања од македонските Албанци да го избегнат етничкото обојување на археологијата, ги обврзуваат и Македонците во иднина да се воздржат од еуфоричното поврзување на археолошките откритија со македонските етнички корени.
„Ова особено треба да се однесува на нашите археолози. Многу ме израдуваа најновите изјави на двајца археолози од Косово и Албанија по прашањето на сегашните ископувања на Скопското „Кале“ т.е. „Горни град“. Преку високото ниво на граѓанска култура, критиката на современо-етничките интерпетации во археологијата и преку изразената професионална почит кон своите македонски колеги, овие археолози дадоа јасен сигнал дека не ја прифаќаат „незгодната топка“, што им ја подадоа македонските земјаци. Земајќи го сево ова предвид, како и јавните изјави на македонските археолози, можеме да го заклучиме следново 1. Македонските археолози јавно декларираат дека на Скопкото Кале ќе има остатоци на културата на Дарданците (според албанските археолози = Илири), затоа што и досега таму биле констатирани. 2) Во нашиот тим се вклучени студенти и професионалци Албанци од Македонија. 3) Археолозите од Косово и Албанија ја поздравуваат оваа кампања и изразуваат спремност за функционално вклучување во натамошната интерпретација на откриените наоди. Ова значи дека проблеми со ископувањата на Калето нема, туку дека некој сака тој проблем со сила да го произведе“ - потенцира Никос Чаусидис.
Паско Кузман е крив за се
Историчарот на уметност Бехиџудин Шехаби, поранешен директор на Националниот конзерваторски центар и актуелен претседател на хуманитарната организација Ел Хилал, е длабоко убеден дека драматичниот почеток на археолошките ископувања на Калето се резултат на начинот на експонирањето во јавноста на директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман и неговото комуницирање со новинарите Албанци и претставници на граѓанските здруженија. „Тој се постави над министерот Илиријан Беќири кој пред почетокот на археолошките ископувања даде ветување за учество на археолозите од Албанија и Косово во рамките на добрососедските односи. Основа за тоа беше и Меморандумот за соработка за културното наследство помеѓу Косово и Македонија потпишан во присуство на претставниците на УНМИК, со кој покрај другото се предвидува и ангажирање на експерти, односно археолози во заедничките археолошки ископувања. Меморандумот е конкретизиран минатата година со учеството на двајца археолози од Косово во Скупи и двајца наши археолози на локалитетот Улпиана во Приштина, и ништо особено не се случи, се остана во рамките на науката без тој настан да се политизира. Кузман, од друга страна, пред почетокот на овој мега проект не го зема предвид и формално правниот аспект на самата постапка. Тој е директор на Управата, орган на Министерството и според член 145 од Законот за културно наследство Управата не смее да создаде услови и да превзима дејствија кои не се во нејзина надлежност, што претставува конфликт на интереси. За овој проект се ангажираат експерти од овластени институции во државата кои ја координираат работата. Имајќи го во предвид неговиот политички и „научен“ беграунд особено по уривањето на џамијата Имарет во Охридското Кале во 2000 година и начинот на неговото експонирање пред новинарите, фокусирајќи се на истражувањето само на еден период, беа додатен мотив и повод граѓанските здруженија на Албанците да реагираат против вака концепираниот проект “ - вели Шехаби, и потенцира дека лично е против политизирањето на културното наследство, дека го прифаќа начинот на изразување на револтот на граѓанските здруженија и смета дека сепак ситуацијата може да се смири со консензус, со разговори и дијалог.
А Паско Кузман деновиве можеше да се види на скопско Кале во придружба на професорот на Тетовскиот универзитет Наим Фетау, со кого, во договор со Министерот за култура Илиријан Беќири разговарале за одредена соработка. Соработката ќе им овозможи и на студентите од овој универзитет, но и на дел од студентите од Приштина да ги посетат истражувањата на Кале, со што како што вели, верува дека „ќе се спушти топката“. Според него проблемот сепак лежи во толкувањето на историските податоци за кои вели дека треба да се разговара на соодветен научен симпозиум, со факти и податоци. Категоричен е дека не е потребно ангажирање на „ревизори“ од Косово и Албанија, нагласувајќи дека тоа би било навредливо за Македонија и за науката и научниот кадар во кој се вбројуваат и албанските археолози кои сега работат на Калето.„Романтичари има од двете страни и од албанска и македонска, едните велат дека се директни потомци од Илирите а другите од Античките Македонци, на тоа треба многу да се внимава и едните и другите да не ја преминат границата“ - потенцира Кузман.
Стартот на овие археолошки истражувања покажа дека не можеме да избегнеме одредени стереотипи на однесување. Владата ги финансира истражувањата а според тоа премиерот и министерот за култура, по вообичаеното сценарио се тие со кои истражувањата треба и да бидат отворени. Ништо невообичаено, но зар немаше да биде подобро честа на отворањето да им припаднеше на најстарите археолози кои овде работеа и кои придонеле тврдината да биде откриена и сочувана. Академик Блага Алексова и д-р Иван Микулчиќ се археолозите кои првата, во 1953 година, а вториот во 1967 година, денови од својот живот поминале во потрага по историјата, гледајќи го Скопје од височина. Оние кои одлучуваат денес каде ќе одат парите на граѓаните, во тој период можеби и не биле ни родени, но можеа да им го отстапат своето место, а стартот на истражувањата да не биде поврзан директно со луѓето од владината коалиција. Којзнае дали и тогаш политичкиот свет на „Разбуди се“, навистина ќе истрчаше на историското поле за натпревар? |